Човекот што висеше на бандера во Скопје: „Толку брзо ли го заборавивте Кочани?“
Во центарот на Скопје, на плоштадот „Македонија“, се одржа необична герила акција што го привлече вниманието на минувачите и медиумите. Човек врзан на бандера испрати моќна порака до јавноста и институциите: „Толку ли брзо го заборавивте Кочани?“
Зад акцијата стои иницијативата „Support Kocani“, која има за цел да ја подигне свеста за состојбата во овој град. Протестот беше инспириран од трагичните последици по пожарот во „Пулс“, по кој многу млади се вратија дома без прсти, со трајни последици за целиот живот.
„Се обраќам до големите луѓе на оваа држава. Уште што треба да ни се случи на нас во Кочани за да се освестат дека тој град постои? Толку ли брзо не заборавија? Пред некој ден си дојдоа деца кои немаат прсти на рацете. Па ако ништо друго, дај на нив да им помогнеме“, апелираше Мартин, кочанчанецот што стоеше зад протестот.
Мартин не ја крие својата болка: „Мене ми загинаа пет другари. Ме прашуваа дали нема да ми биде срам што ќе бидам врзан. Јас секако сум духовно врзан. Немам ни јас што да правам, кај да живеам? Морам да живеам во тој град, морам да направам нешто за него.“
Овој настан е само еден во низата обиди на граѓаните од Кочани да го свртат вниманието на институциите кон проблемите со кои се соочуваат. Активистите повикуваат на конкретни мерки и поддршка за жителите кои останаа со последици од несреќата, како и за идниот развој на градот кој, како што велат, со години е маргинализиран.
„Дај да биде ова пример, да направиме нешто за овој град“, заврши Мартин, со надеж дека овој глас на очај конечно ќе допре до оние што можат да помогнат.