05 август 2025
• од Станча Јаќимовски
МПЦ-ОА продолжува да го шири својот деловен интерес во енергетскиот сектор. Најновиот чекор е основањето на заедничка фирма со австралиската компанија „Пела глобал лимитед“ од Перт, со која започнаа партнерство во областа на обновливата енергија.
Новата фирма, регистрирана под името „Константин енерџи“, според податоците од Централниот регистар, ќе се занимава со производство на енергија од обновливи извори. Фирмата е основана со паричен влог од 5.000 евра, а нејзин директор е Николче Јовановски, Австралиец со македонско потекло и еден од основачите и извршен директор на „Пела глобал лимитед“.
Јовановски, според неговата кратка биографија, течно зборува македонски јазик, е дел од македонската дијаспора и игра клучна улога во управувањето со проекти на фирмата низ Југоисточна Европа. На страницата на „Пела глобал лимитед“ се наведува дека дел од нивната стратегија е развојот на проекти поврзани со рестартирање на рудникот за антимон во Крстов Дол кај Крива Паланка, како и истражување на злато кај селото Луке.
Ова е третата енергетска инвестиција на МПЦ-ОА во последните пет години. Првиот ваков потег го направија во 2020 година со основањето на хидроцентралата „Драгов дол“ од Кичево, во партнерство со физички лица и компанијата „Жито Караорман“. Во 2022 година, црквата влезе како содружник и во фирмата „Тринити солар“, исто така регистрирана за производство на електрична енергија.
Покрај вложувањата во енергетиката, МПЦ-ОА активно учествува и во градежниот бизнис. Заедно со фирмата „Мега фешн“, тие ја основаа компанијата „Обновители“, која ги гради новите станбено-деловни згради спроти хотелот „Холидеј ин“ во центарот на Скопје.
Според базата на БИРН – „Верски имоти под лупа“, МПЦ-ОА поседува значајна имотна база што вклучува станови, деловни простории, обработливо земјиште и туристички капацитети. Дел од овие имоти ѝ носат и редовна заработувачка преку издавање под закуп.
Македонската православна црква, покрај својата духовна мисија, сѐ поинтензивно се профилира и како актер на бизнис-сцената во земјата, особено во стратешки сектори како енергетиката и градежништвото.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

