22 април 2025
• од Вардарски
Георги Црномаров од Битола, во својата изјава за медиумите испрати силна порака до институциите во Северна Македонија, повикувајќи на искрено соочување со минатото и еднаков третман на сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност.
„За мене Бугарија е држава каде живее братски народ. Ние сме браќа со бугарскиот народ,“ вели Црномаров, нагласувајќи дека историските врски меѓу народите не треба да бидат предмет на политички манипулации, туку мост за разбирање и пријателство.
Тој потенцира дека доаѓа време кога мора да се отвори прашањето за тоа кој бил народот што живеел во Македонија пред 1945 година и на кој јазик зборувале нашите предци. „Треба да се признае историјата пред 1945 година – каков народ живеел, на кој јазик зборувале нашите предци, на кој јазик зборувале нашите воеводи.“
Црномаров остро ја критикува работата на безбедносните служби во државата, за кои вели дека продолжуваат да функционираат по моделот на поранешната УДБА – тајната служба од времето на Југославија. „Тие се исти како УДБА од југословенско време. Истите луѓе, истите методи. Ако си Бугарин во Македонија – си државен непријател!“
Тој укажува дека македонските Бугари не се никаква опасност за државата: „Ние не сме страшни како што не прикажуваат. Ние тука сме родени, тука живееме, тука градиме семејства. Само си ги одбраниваме нашите права, исто како и секој друг граѓанин.“
Црномаров исто така зборува и за недостатокот на вистинско познавање на историјата кај младите генерации. „Луѓето во Македонија не знаат ништо за периодот од 1919 до 1941 година. Не се зборува за Тиквешкото востание, ниту за Охридско-дебарското. Само се споменуваат во една реченица, без да се каже кој ги организирал, против кого се кренале.“
Неговата надеж е дека ќе дојде ден кога во училиштата ќе се учи вистинска македонска, а не идеолошка југословенска историја. „Време е децата да знаат што се случувало пред 1945 година – кој бил народот, како се чувствувал, на кој јазик зборувал.“
На крај, Црномаров порачува дека спорните прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија можат да се решат само преку признавање на вистината: „Никој не им го оспорува правото дека по 1945 година е создадена нова нација – македонска, нов јазик – македонски. Но пред тоа, сите биле Бугари по народност, а Македонци по местоживеење.“
Со оваа порака, Георги Црномаров апелира за искрен дијалог, соочување со минатото и за вистинска еднаквост на сите граѓани во Северна Македонија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

