24 април 2025
• од Вардарски
На денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, пратеникот од СДСМ, Борче Цветков, го прозва министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, за лошите економски политики на Владата и влошувањето на животниот стандард на граѓаните.
Цветков остро ја критикуваше Владата за, како што рече, „економска стагнација и целосен колапс на стандардот“, наведувајќи дека граѓаните сè потешко успеваат да ги подмират основните животни потреби. Тој посочи дека по речиси една година од актуелниот владин состав, економијата е „заглавена“, додека „животот на граѓаните е урнисан“.
Во своето излагање, Цветков ги нарече владините мерки „промашени“, обвинувајќи ја Владата за неисполнети ветувања и недостаток на визија за социјален и економски напредок. Како посебно проблематична ја истакна идејата за нова методологија за пресметка на трошоците за живот – таканаречената „просечна кошница“, која според него, ја минимизира реалната слика за потребите на едно просечно семејство.
„И самите го признавте дебаклот со есенската и новогодишната кошница. Сега се подготвувате да ја смените методологијата и од четиричлено да направите тричлено семејство – бројки што не одговараат на реалноста“, рече Цветков.
Тој предупреди дека според последните податоци, синдикалната кошница достигнала 62.700 денари, што значи дека три минимални плати не се доволни за преживување. Најголемите поскапувања се забележани кај храната, пијалоците, транспортот, здравството и сметките за домаќинство.
„На граѓаните им требаат 836 денари повеќе од минатиот месец само за да ги покријат основните трошоци“, додаде Цветков, повикувајќи на итна интервенција.
Завршувајќи со директно прашање до министерот Дурмиши, Цветков побара Владата да се откаже од новата пресметка на трошоците и наместо тоа, да ја зголеми минималната плата на 30.000 денари:
„Дали ќе се откажете од новата пресметка за трошоците за таканаречената просечна кошница, а наместо тоа ќе ја зголемите минималната плата на 30.000 денари?“, праша Цветков, истакнувајќи дека ваквиот потег би бил вистинска поддршка за граѓаните кои се соочуваат со економска несигурност.
Се очекува одговорот на министерот Дурмиши, кој би можел да го дефинира понатамошниот пристап на Владата во справување со растечката економска криза.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

