07 март 2025
• од Вардарски
Одлуката на македонската влада да не испраќа војска и воена помош за Украина, дури и ако тоа го побара Европската унија, отвора дилеми околу геополитичката позиција на земјата. Иако Македонија останува усогласена со својот стратешки партнер – САД, како и со стратешката цел за членство во ЕУ, ваквата воздржаност не е во духот на солидарноста што ја покажуваат европските држави кон Украина.
Според извор од Министерството за надворешни работи за Плусинфо, Македонија во моментов не е подготвена да испрати војска или воена помош во Украина.
„Не сме подготвени како држава да испратиме воена помош и сопствена војска во Украина. Но, за другите прашања врзани со проблемот, потребни се дополнителни и опсежни консултации со претседателот, премиерот и со сите засегнати институции,“ – изјавува изворот.
Дополнително, Министерството ги следи последните случувања и најавува дека ќе биде потребно усогласување на позициите зависно од развојот на ситуацијата.
Македонија, како членка на НАТО, може многу повеќе да влијае во Алијансата, отколку во Европската унија, наведува изворот од Министерството.
„Ги разгледуваме процесите, но во ЕУ не можеме директно да влијаеме, за разлика од НАТО. Таму ќе се позиционираме. Моментот е деликатен, но не би рекол дека постои или дека ќе има шизма меѓу САД и ЕУ во меѓународната политика.“
Соговорникот потсетува дека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, со месеци предупредува за безбедносен вакуум во Алијансата, а сега некои земји се изненадени од развојот на ситуацијата.
„Македонија се согласува со ставот на Руте. Целта од 2% од БДП за одбраната треба да биде минимум за земјите и ние потенцијално треба да работиме на зголемување на тој процент кај нас,“ – посочува изворот, додавајќи дека Македонија минатата година ја исполни оваа цел.
Одлуката да не се испраќа воена помош за Украина го отвора прашањето за европската ориентација на Македонија. Додека ЕУ јасно стои зад Украина со финансиска и воена помош, нашата држава се воздржува од поактивна поддршка. Ова испраќа сигнал дека сè уште немаме целосно усогласена политика со Европската унија, иако тоа е клучно за нашиот пристапен процес.
Европа не е само заедница на економски интереси, туку и на вредности – поддршка за демократијата, мирот и безбедноста. Ако навистина сакаме да бидеме дел од Унијата, треба да покажеме солидарност со Украина, како што тоа го прават останатите европски земји.
Извор:
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

