Денеска е Преподобен Теодор Трихин
Денеска православната црква го чествува Преподобен Теодор Трихин, голем подвижник и чудотворец од 4 век.
Тој се родил во Цариград во богато и угледно семејство, но уште од најрана возраст го презирал материјалното богатство и почестите што му ги нудел светот. Воден од желбата за духовен живот, се повлекол во еден манастир во Тракија, каде што започнал строг монашки подвиг.
Меѓу неговите аскетски подвизи, посебно се истакнува тоа што спиел исклучиво на гол камен и носел само една груба наметка — од каде што го добил и прекарот „Трихин“, што значи „облечен во влакнена наметка“.
За време на животот, Бог го надарил со дарот на чудотворство. И по неговата смрт, неговите мошти изобилувале со благоухано миро преку кое многумина биле исцелени од разни болести и страдања.
Преподобен Теодор се упокои во 400 година, но неговото споменување и почитување трае сè до денес, како сведоштво за силата на верата и подвигот.