Денеска го славиме Св. Апостол Симеон: Симбол на вера и мачеништво
Денес православната црква го празнува споменот на Светиот апостол Симеон, еден од седумдесетте апостоли и син на Клеопа, којшто му беше брат на праведниот Јосиф, целомудрениот сопруг на Пресвета Богородица.
Симеон ја запознал верата гледајќи ги чудата што ги правел Господ Исус Христос и поверувал во Него како во Господ и Спасител. По своето обраќање, бил вбројан меѓу седумдесетте апостоли, кои неуморно ја ширеле радосната вест за Христовото Евангелие низ Јудеја.
По маченичката смрт на Свети Јаков, братот Господов и првиот епископ на Ерусалимската црква, Свети Симеон бил избран за втор епископ на Ерусалим. Со голема мудрост, ревност и сила ја раководел Божјата црква, посветено служејќи ѝ на паствата до својата длабока старост.
Во времето на царот Трајан, Палестина била погодена од двојно гонење – насочено и против потомците Давидови и против христијаните. Злобните луѓе го обвиниле Свети Симеон дека припаѓа на двете групи. Тогаш започнале неговите страдања.
Иако бил над сто години, Симеон претрпел големи маки и на крајот бил распнат на крст, подражувајќи го својот Господ, кому верно му служел целиот свој живот.
Денес, Свети Симеон останува пример за непоколеблива вера, посветеност и мачеништво, а неговото споменување нè потсетува на силата на љубовта кон Бога и храброста во сведочењето на вистината.