25 април 2025
• од Вардарски
Основниот кривичен суд во Скопје одреди мерки за вкупно 23 лица осомничени за злоупотреби во постапките за доделување на инвалидски пензии и права на туѓа нега. Девет од осомничените ќе бидат во 30-дневен притвор, пет се пратени во куќен притвор, а деветмина ќе се бранат од слобода со мерки на претпазливост.
Како што информира судот, мерките на претпазливост подразбираат обврска редовно да се јавуваат во суд или кај овластено службено лице, како и привремено одземање на патните исправи и забрана за нивно ново издавање. Странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Еден од осомничените сѐ уште е недостапен за органите на прогонот.
Истрагата, водена од Јавното обвинителство, опфаќа вкупно 49 лица за кои постои основано сомнение дека преку серија на кривични дела му нанеле значителна финансиска штета на државниот буџет. Според истрагата, постоеле две организирани криминални групи – едната злоупотребувала постапки за добивање туѓа нега, а другата за стекнување на инвалидски пензии. Преку коруптивни шеми на давање и примање поткуп, тие незаконски овозможувале добивање на права на финансиска помош.
Првоосомничена е поранешна вработена на Универзитетската клиника за уво, нос и грло, додека второосомничената е сè уште активна вработена на истата клиника и член на Комисијата за ревизија на инвалидитет. Меѓу осомничените има и лекари специјалисти од Стручната комисија за проценка на потребата од туѓа нега, претставници од ЈЗУ Општа болница Велес, Универзитетската клиника за неврологија - Скопје, адвокат од Велес и службеник од Центарот за социјални работи во Тетово.
Истражните органи најавија продолжување на постапката за целосно расветлување на мрежата на злоупотреби и утврдување на точната висина на причинетата штета.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

