09 април 2025
• од Вардарски
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска издаде Наредба за спроведување истражна постапка против две лица под сомнение за поткуп поврзан со болничко сместување на пациент. Едниот осомничен, директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, се товари за кривично дело – Примање поткуп по член 357 став 5 во врска со став 2 од Кривичниот законик, додека вториот е осомничен за помагање во извршување на делото.
Според истрагата, директорот во периодот од 19 март до 8 април 2025 година, во неколку наврати побарал значителна финансиска корист за себе во замена за сместување на пациент во болницата – нешто што е дел од неговите службени обврски. Поткупот го побарал од жена која била давател на доживотна издршка на пациентот, лице со сериозни здравствени проблеми, за кое постоела лекарска препорака за болничко згрижување.
Откако пациентот бил ставен на листа за чекање, жената добила повик од второосомничениот кој ја поканил на средба со директорот. Средбата се одржала на 19 март во вечерните часови, во угостителски објект во Скопје. На неа, директорот отворено и кажал дека знае за материјалната состојба на пациентот, вклучително и за недвижен имот кој го поседувал, и барал награда од 100.000 евра за да овозможи прием. Кога сведокот реагирала дека сумата е превисока, директорот предложил таа да се обезбеди преку продажба на станот на пациентот, но тоа било невозможно поради постоечки договор за доживотна издршка.
Истражната постапка открива дека на 3 и 4 април 2025 година се одржале дополнителни средби меѓу сведокот и осомничените, по што било договорено првично да се исплати 20.000 евра како „гаранција“ за прием, со дополнителна обврска да се обезбеди остатокот од средствата, ако се утврди дека пациентот поседува уште имот.
Клучниот момент на случајот се случил на 8 април, кога жената се сретнала со второосомничениот, кој влегол во нејзиното возило и ја примил договорената сума. Во тој момент, тој бил уапсен од полициски службеници на лице место, со парите во свој посед.
Јавниот обвинител веќе доставил предлог до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје за определување мерка притвор за двајцата осомничени. Случајот предизвика значајна реакција во јавноста, особено поради злоупотребата на службена положба во здравствена установа.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

