13 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Директори на јавни здравствени установи во Македонија незаконски си ги зголемувале платите за околу 10 проценти и наплатувале фиктивни или неоправдани дежурства, покажала контролата на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ). По утврдените неправилности, на институциите им е наложено незаконски исплатените средства да бидат вратени.
Контролата била спроведена во вкупно 26 јавни здравствени установи, меѓу кои клиники, клинички болници и здравствени домови. Од нив, само осум установи работеле без утврдени неправилности, додека кај останатите 18 биле детектирани сериозни отстапувања од законските прописи при исплатата на платите.
Директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски, на денешната прес-конференција истакна дека особено загрижува фактот што дел од установите воопшто не доставиле документација за исплатата на платите.
„Самиот факт што од осум установи не ни се доставија документите покажува дека токму таму се проблемите со неоправдани и несработени дежурства. Мора да дадеме јасен сигнал дека ваквите практики ќе мора да се менуваат“, изјави Клековски.
Според наодите од контролата, најчестите неправилности се однесуваат на начинот на пресметка на дежурствата, при што во 11 случаи биле утврдени разлики спротивни на правилата. Во четири установи биле исплаќани додатоци и за сменска работа и за дежурство, што не е дозволено. Во два случаи била пријавена прекувремена работа над 32 часа месечно, што е над законскиот максимум, а во уште два случаи директорските плати биле зголемени надвор од законските рамки. Дополнително, во осум установи не биле доставени книгите за дежурства за дополнителна дејност.
ФЗОМ им дал рок на сите контролирани здравствени установи кај кои се утврдени неправилности да ги отстранат недостатоците и да извршат поврат на неправилно исплатените средства. Од Фондот најавуваат дека ваквите контроли ќе продолжат и во иднина, со цел да се обезбеди законито, транспарентно и одговорно управување со јавните средства во здравствениот систем.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

