24 март 2025
• од Гоце Кически
По добиено известување од Министерството за внатрешни работи, дека во скопската населба Маџари функционира див магацин за храна, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со полицијата спроведе вонреден инспекциски надзор во објектот. Во овој див магацин била складирана храна од животинско и неживотинско потекло.
Според информациите од АХВ, инспекциските служби на Агенцијата пронашле 40.751 килограми небезбедни производи, вклучувајќи сувомесни и кондиторски производи. За овие производи е издадено решение за нештетно уништување, кое успешно било извршено.
Покрај тоа, во дворот на дивиот магацин, полицијата запленила превозно средство - комбе, во кое биле пронајдени 360 килограми небезбедни сувомесни и кондиторски производи. И тие производи биле нештетно уништени.
Од АХВ додаваат дека, како дел од истрагата за расчистување на овој криминал, била спроведена контрола и кај увозникот на небезбедните сувомесни производи. Обезбедена е целокупната документација за реализираните увози и следливоста на пратките во последните шест месеци.
Со анализа на документацијата утврдено е дека дел од производите имале зголемено количество на фосфати, што било потврдено со лабораториски наоди од земени мостри. Овие анализи се спроведени во рамките на мониторинг програмата за храна од увоз на АХВ.
Дел од небезбедните сувомесни производи биле складирани во дивиот магацин, иако дистрибутерот имал законска обврска нештетно да ги уништи. Наместо тоа, му била издадена фиктивна потврда за уништување од овластена депонија.
Во рамки на инспекцискиот надзор на објектите на дистрибутерот, биле затекнати сувомесни производи во вкупна количина од 40.053 килограми. Овие производи биле ставени под официјален надзор и подоцна нештетно уништени.
За сторениот прекршок, правното лице кое стопанисувало со дивиот магацин за храна, беше казнето со глоба од 18 илјади евра во денарска противвредност. Истовремено, одговорното лице на операторот со храна беше казнето со 1500 евра во денарска противвредност.
АХВ ги повикува сите оператори со храна да ги почитуваат стандардите за безбедност на храната, за да се спречи ризикот по здравјето на потрошувачите.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

