28 април 2025
• од Вардарски
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ја уверува јавноста, партнерите и меѓународната заедница дека останува доследна на принципите на интегритет, транспарентност и владеење на правото, без оглед на актуелните случувања поврзани со осомниченоста на претседателката Татјана Димитровска.
Во своето соопштение, ДКСК истакнува дека продолжува да работи независно и ефикасно, во согласност со своите законски надлежности и мандат. Комисијата нагласува дека активностите за утврдување индивидуална одговорност не ја поткопуваат институционалната и колективната посветеност на превенцијата и борбата против корупцијата.
„Државната комисија продолжува да ги спроведува своите тековни активности и обврски. Нашата мисија за борба против корупцијата останува непроменета и посилна од кога било. Свесни сме за важноста на довербата на јавноста, затоа ќе продолжиме да работиме со највисока транспарентност и соработка со надлежните институции“, се наведува во реакцијата на Антикорупциската комисија.
Ова соопштение доаѓа откако јавноста беше информирана дека претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, е осомничена за оддавање службена тајна во случајот „Адитив“. Овој развој предизвика сериозни реакции, особено од поранешни членови на комисијата.
Поранешната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска, изјави дека ваквиот скандал е тежок удар за општеството и институцијата. Според неа, најитно е потребно Димитровска да поднесе оставка за да се зачува интегритетот на комисијата и довербата кај граѓаните.
„На потег е Собранието, кое треба да реагира. Членовите и претседателката на ДКСК одговараат пред Собранието. Треба да се преземат конкретни мерки и контроли. Претседателката мора најитно да си поднесе оставка затоа што на овој начин ја инфицира институцијата“, изјави Ивановска пред медиумите.
И од здруженијата беа упатени забелешки за отчетноста на ДКСК во последниот период, дополнително нагласувајќи ја потребата за итно расчистување на состојбата со цел зачувување на кредибилитетот на институцијата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

