24 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство од, како што велат, „скандалозната“ одлука новите полициски униформи да бидат само на македонски јазик. Според партијата, ваквиот чекор претставува флагрантно кршење на принципите од Охридскиот рамковен договор и Законот за употреба на јазиците, кои гарантираат еднаквост и двојазичност во државните институции, вклучувајќи ги и униформите на полицијата.
ДУИ нагласува дека ова не е изолиран случај, туку континуитет на, како што тврдат, „дискриминаторната политика на ВМРО-ДПМНЕ“. Од партијата потсетуваат дека токму ВМРО-ДПМНЕ веќе има иницијатива во Уставниот суд за укинување на албанскиот јазик како официјален.
„Скандалозно е и тоа што албанските партии во власта со своето молчење стануваат вазали на антиалбанските политики, притоа газејќи го достоинството и правата на Албанците за ситни политички интереси,“ стои во реакцијата на ДУИ.
Според партијата, униформите не се обична облека, туку симбол на државниот идентитет, еднаквоста и почитта. „Кога законот бара двојазичност, а Владата наметнува еднојазичност, тоа е доказ за загубениот политички суверенитет на албанските партии кои денес се огледало на интересите на ВМРО,“ се вели во соопштението.
ДУИ бара итно повлекување на одлуката, замена на униформите со двојазични, согласно законот, како и јавно извинување од албанските партии во власта кои, според нив, го одобриле „овој срам“.
Партијата потсетува дека законот е јасен: во општините каде што Албанците се најмалку 20%, секоја државна институција е обврзана да користи двојазичност – на униформи, во јавната комуникација и во институционалното работење.
„Рамноправноста не е луксуз, туку законска, морална и национална обврска. ДУИ нема да прифати компромиси со достоинството. Албанците се жртвувале за еднаквост и оваа срамна одлука ќе биде поништена,“ завршува соопштението на партијата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

