05 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Демократската унија за интеграција (ДУИ) денес алармираше за сериозен скандал кој, според нив, го нарушува интегритетот на државната награда „8 Септември“, највисокото државно признание во спортот.
ДУИ потсетува дека Комисијата за доделување на наградата, формирана со потпис на претседателот на Собранието Африм Гаши, е составена од 11 Македонци и само еден Албанец. „За иронија на судбината“, како што наведуваат, токму единствениот Албанец во комисијата, Хамид Бакија, сам се предложил себеси за добитник на оваа престижна награда.
„Ова не е само конфликт на интереси – ова е срам и чиста неправда!“, стои во реакцијата.
ДУИ смета дека ваквиот чин претставува апсурдна и навредлива ситуација за албанските спортисти кои со децении дале значителен придонес за спортот во земјава, но остануваат без соодветно државно признание.
„Спортот треба да обединува, а не да дели. Спортот треба да гради мостови, а не етнички бариери,“ порачаа од партијата.
ДУИ потсети и на сличен случај од минатата година, кога брат на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, како член на комисијата, сам себе си доделил награда. „И тогаш сè помина во тишина. Дали и овој пат ќе молчиме?“, прашуваат од партијата.
ДУИ најавува дека веднаш ќе ја пријави оваа ситуација до Државната комисија за спречување на корупцијата, бидејќи станува збор за „флагрантен конфликт на интереси и отворена дискриминација“.
Во своето соопштение, партијата потенцира дека Охридскиот рамковен договор и начелото на еднаквост не се празни букви на хартија, туку темели врз кои мора да функционира секоја државна институција.
„ДУИ останува решително да ја брани еднаквоста, правдата и достоинството на секој граѓанин, во секоја институција и во секоја сфера на животот, вклучително и спортот. Ова не е само апел – ова е повик за правда и еднаквост!“, порачуваат од ДУИ.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден