29 март 2025
• од Гоце Кически
Пратеничката група на Европски фронт, предводена од ДУИ, испрати формално писмо до четири клучни тела на Советот на Европа, со кое бара итна експертска проценка на, како што велат, селективната правда по трагедијата во дискотеката во Кочани, каде животот го загубија 59 млади лица.
Писмото е упатено до: Мајкл О’Флахерти, Комесар за човекови права; Клер Бази, Претседателка на Венецијанската комисија; Ливија Стоика Бехт, Извршна секретарка на ГРЕКО (Група на држави против корупција); Теодорос Русопулос, Претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Во писмото, пратениците изразуваат сериозна загриженост за, како што велат, скандалозно политички мотивирани истраги кои таргетираат исклучиво поранешни функционери, додека сегашни носители на функции, кои имале институционална надлежност речиси цела година пред трагедијата, се оставени надвор од секој процес. Според нив, ваквиот пристап доведува до нарушување на правото на фер судење и спречување на правдата да се реализира без политичка пресметка.
Писмото исто така го адресира директното вмешување на премиерот во обвинителството и самата истрага, посочувајќи на јавната парада и злоупотреба во врска со приведувањето на ексминистерката Бектеши.
Европскиот фронт бара Советот на Европа да испрати независна експертска мисија која ќе ја процени независноста на истрагата, да иницира дебата во Парламентарното Собрание на Советот на Европа, да побара мислење од Венецијанската комисија за влијанието врз обвинителството, како и да го ангажира ГРЕКО за истрага на политичкото влијание врз обвинителските одлуки.
Пратениците од Европски фронт нагласуваат дека правдата мора да биде еднаква за сите и дека не смее да зависи од политичка припадност. Тие предупредуваат дека селективната правда го поткопува владеењето на правото и ја нарушува довербата на граѓаните во институциите.
Со ова барање, Европски фронт се залага за силна и независна правна институција која ќе го обезбеди правото на праведен процес за сите, без политичко влијание или дискриминација.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

