ДУИ: Претворањето на трагедијата во политички театар е опасен преседан
ДУИ остро реагираше на последните постапки на Јавното обвинителство, оценувајќи ги како правно импровизирани и мотивирани од политички и популистички интереси, наместо од принципите на правдата.
Во нивната реакција, од партијата велат дека обвинителот се повикал на меѓународни примери – од Романија, Бразил и САД – за да го оправда проширениот концепт на одговорност и покренување обвиненија против лица кои, според нив, немале никаква врска со трагичниот настан од пред 15 години.
„Но, вистината што ја открија медиумите е сосема спротивна“, стои во соопштението. „Во сите тие случаи, одговорноста им беше припишана само на директно вклучените – обично меѓу три до пет лица – без иницирање постапки против поранешни функционери и без обиди за препишување на историската вина.“
ДУИ предупредува дека случајот се претвора во пример на „правна импровизација, водена не од правдата, туку од желбата за аплауз“. Според нив, наместо да се води независна и правично спроведена истрага, обвинителството ја насочува постапката кон „популизам и спасување на Владата“.
„Целата академска и правна заедница го крена гласот: овој пристап е неуставен, спротивен на правната практика и длабоко непрофесионален. Тоа не произлегува од науката за правото, туку од политички договор со извршната власт“, порачуваат од ДУИ.
Партијата го осудува, како што велат, претворањето на трагедијата во средство за лична корист и институционална промоција, што, според нив, е опасно отстапување кое може да има сериозни последици.
ДУИ повторно апелира до обвинителството итно да ја прекине секоја форма на трансакциска врска со Владата.
„Правдата не се практикува по нарачка. Кариерата на политичари и обвинители не смее да се гради врз трагедијата на другите. Одговорноста за ваквиот пристап – и за сè што може да им се случи на неправедно приведените лица – ќе падне врз конкретни индивидуи. Историјата, правдата и јавноста ќе ги запаметат овие имиња – не како херои на правдата, туку како пример за злоупотреба на правниот систем под притисок на власта“, заклучуваат од ДУИ.