05 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Демократската унија за интеграција (ДУИ) остро реагираше на однесувањето на еден од националните координатори за комуникации и медиуми во кабинетот на премиерот на Македонија, оценувајќи го како „срамно и алармантно“. Според ДУИ, функционер кој е платен со пари од граѓаните го претворил својот ангажман во постојан напад врз официјална Тирана и албанските институции.
ДУИ наведува дека наместо да гради мостови на соработка, функционерот користи „јазик на навреди, поделби и отворени напади врз албанската држава и стратешките партнери“. Според партијата, ова не е изолиран испад на поединец, туку „јасен политички сигнал“ кој отвора сериозни прашања за ставовите на самата влада.
„А дали ова е официјалниот став на Мицкоски кон Тирана? Дали овие навреди и клевети се државна линија на неговиот кабинет?“ – прашува ДУИ.
Во реакцијата се потенцира дека Албанците во Македонија никогаш нема да прифатат вработени во државни институции да се претвораат во „мегафони на ВМРО“ со цел да се оцрнуваат Албанија и нејзините институции.
ДУИ потсетува дека отсекогаш била мост на соработка со Тирана, Приштина и меѓународните партнери, и бара јасност и одговорност:
„Дали овој координатор зборува во име на Владата? Ако не, зошто Мицкоски го држи во својот кабинет и му дозволува да зборува во име на државата?“
ДУИ порачува дека Албанците заслужуваат директни одговори, а не „намерно молчење“ од страна на власта. Според партијата, ова прашање ја надминува личната одговорност и станува политичко прашање кое ја тангира целата Влада и нејзините односи со Албанија и албанските институции.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден