08 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
ДУИ изрази длабока загриженост и осуда по вооружениот напад врз нивниот кандидат и носител на советничката листа во Општина Липково, д-р Зеќирија Шахини, кој беше застрелан од маскирано лице и ранет. За среќа, неговиот живот е надвор од опасност.
Потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, денеска изјави дека атентат во тек на изборна кампања претставува сериозен аларм за демократијата, јавниот ред и безбедноста во државата.
„Ова не е обичен инцидент, туку тежок, намерен и морбиден чин чија цел е да создаде несигурност, страв и тензии“, нагласи тој.
ДУИ остро го осуди нападот, нарекувајќи го „варварски и криминален акт“, и побара итна, сериозна и транспарентна реакција од надлежните институции, особено од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство.
„Прикривањето на вистината, одвлекувањето на вниманието или релативизирањето на настанот се неприфатливи и опасни“, порача Адеми, додавајќи дека првичните докази и снимки укажуваат на директен напад со јасна намера за ликвидација.
Според него, случајот мора да се третира како атентат, а институциите треба да дејствуваат без одложување и без политички калкулации.
ДУИ бара идентификација и апсење на сторителот и сите вмешани лица, како и навремено информирање на јавноста.
„Овој случај не смее да остане без епилог, а истиот мора да се заснова на факти. Секое институционално одолговлекување би било сериозна неодговорност и директен ризик за безбедноста во државата“, изјави Адеми.
Тој предупреди дека толерирањето на насилството може да има сериозни последици по јавната безбедност, изборниот процес и угледот на институциите, и упати апел до Владата, МВР и Обвинителството веднаш и одговорно да постапат.
ДУИ порача дека ќе остане решителна на патот на законитоста, зрелоста и политичкото достоинство, нагласувајќи дека ваквите напади се удар врз демократијата и правната држава.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден