Двегодишна казна за Менсур Пајазити, кој ја прегази 22-годишната Теодора
Двегодишна затворска казна – толку одлучи Судот во Тетово за Менсур Пајазити, човекот кој ја прегази 22-годишната Теодора Ристевска на тетовските улици во септември 2022 година.
По неколку рочишта на кои не се појавуваше, Пајазити денеска конечно се појави во судницата. Пред судот ја призна вината, а обвинението гласеше – „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, дело за кое законски е предвидена казна од една до пет години затвор.
Првичната пресуда, изречена во ноември 2023 година, предвидуваше три и пол години затвор. Но, откако Пајазити ја обжали, Вишото јавно обвинителство во Гостивар ја прифати жалбата, а Апелациониот суд во Гостивар ја намали казната на две години.
Теодора, млада девојка со живот пред себе, ги загуби соништата под тркалата на автомобилот „БМВ“, управуван од 44-годишниот Пајазити. Несреќата не ја потресе само нејзината фамилија, туку и целата јавност, која денес се прашува: дали навистина ова е правдата што ја заслужи?
Одлуката за намалување на казната буди горчина кај многумина. Две години затвор за еден згаснат млад живот – бројка која тешко може да ја измери тежината на загубата. Семејството на Теодора останува со болката, а граѓаните со чувство дека правдата, повторно, не го кажала последниот збор.