10 април 2025
• од Вардарски
Вознемирувачка сцена денеска го пречека секој што се најде покрај брегот на Дојранското Езеро, на потегот меѓу Стар и Нов Дојран. Бела пена, мртви риби и ракови се појавија на површината и брегот на езерото, создавајќи слика што сериозно ги загрижи и мештаните и посетителите.
Се уште нема одговори што точно ја предизвикало оваа еколошка катастрофа. Според информациите на МКД.мк, веќе неколку часа се обидуваат да добијат официјално објаснување од надлежните институции – Државниот инспекторат за животна средина и Министерството за земјоделство, но до овој момент нема никаква изјава или информација за причините.
Неофицијално, како можни надлежни институции кои би можеле да го истражат инцидентот се споменуваат Хидробиолошкиот завод од Охрид и Сточарскиот институт, кои треба да земат примероци и да ја утврдат причината за поморот на рибниот свет.
Локалното население со загриженост гледа на настанот, стравувајќи од можна загаденост на водата, што не само што е штетно за животната средина, туку може да има и последици врз здравјето на луѓето, туризмот и економијата во регионот.
Овој инцидент уште еднаш ја потсетува јавноста на важноста од постојан мониторинг, ефикасна еколошка заштита и навремена реакција од институциите. Дојранското Езеро е природно богатство кое заслужува поголема грижа, заштита и внимание.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

