28 март 2025
• од Гоце Кически
Милена Јаневска од граѓанското движење „Кој е следен?“ денеска во емисијата „Аргумент плус“ на ТВ „24“ истакна дека нивните барања се насочени кон воспоставување на одговорност, транспарентност и безбедност во С. Македонија, како одговор на низа трагедии кои ја потресоа земјата.
Според Јаневска, барањата на движењето се поделени во две главни категории: одговорност и безбедност со превенција. Таа нагласи дека тие се однесуваат не само на неодамнешниот трагичен пожар во Кочани, туку и на други инциденти кои оставиле трајни последици врз општеството.
„Бараме транспарентност, од објавување на документите поврзани со отворањето на дискотеката до сите информации поврзани со пожарот. Исто така, нашите барања вклучуваат создавање на дигитална платформа „Е-инспекторат“, каде што ќе се објавуваат сите инспекциски надзори, и воведување на централен број за граѓански пријави за нерегуларности,“ објасни Јаневска.
Во однос на одговорноста, Јаневска повика на кривична одговорност која ќе ја утврди истрагата, но и на морална одговорност од сите инволвирани во трагедиите. Таа го изрази револтот на граѓаните поради однесувањето на пратениците кои, според неа, се на одмор во време кога државата се наоѓа во критична ситуација.
„Нашата иницијатива не е поврзана со ниту една политичка партија,“ нагласи таа, додавајќи дека нивните активности се базираат на транспарентност и филтрирање на мотивите на сите кои сакаат да се приклучат.
Јаневска истакна дека движењето досега не остварило контакт со надлежните институции, но продолжува да врши притисок за промени. „Ние не очекуваме брзи резултати, но сме решени да инсистираме на одговорност и превенција за да избегнеме идни трагедии,“ заклучи таа.
Движењето „Кој е следен?“ продолжува да собира поддршка од граѓаните, со цел да поттикне суштински промени во системот и да обезбеди поголема безбедност за сите.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

