Ели Секулоска: ВМРО е создадено од Бугари, а ДПМНЕ од УДБА
Ели Секулоска од Битола, активистка и гласен борец за правата на репресираните Бугари во поранешна Југославија, преку својот фејсбук профил остро реагира на изјавата на Љубчо Ѓоргиевски дека ВМРО-ДПМНЕ било формирано „чисто од Бугари“.
Со иронија и гнев, Секулоска потсетува дека вистинското ВМРО – она од 1893 година – навистина било формирано од Бугари, но го разликува од ДПМНЕ, која, според неа, била производ на поранешната тајна служба УДБа.
„Дедо ми тогаш беше жив и многу изнервиран – велеше: Ова не е ВМРО!“, пишува таа.
Секулоска ги потсетува читателите и на историските поделби во ВМРО – врховисти и централисти – со акцент дека „вистинските ВМРО-вци беа судени или убиени“. Според неа, новото ВМРО, односно ДПМНЕ, ги злоупотребило репресираните за легитимитет: „Ги земаа преживеаните затвореници како декор и потоа ги истераа“.
Обвинувањата се прецизни и лични – таа посочува дека семејни членови на еден ресорен министер во првата гарнитура на ДПМНЕ директно учествувале во репресии, апсења и дури грабежи на злато во Битола во 1949 година. „Тепаа и комунисти, и вмровци, и скоевци“, вели таа, сугерирајќи дека таа структура се прелеала и во поновото политичко организирање.
Иако му оддава делумна чест на Ѓоргиевски за денешната умереност во изјавите, таа инсистира дека тој, и сите околу него, биле сосема свесни со кого имаат работа. „Знаеле, и тоа многу добро знаеле.“
Во заклучок, Секулоска фрла критика и кон денешните политички структури: „Пола ДПМНЕ и пола СДСМ имаат бугарски пасоши, ама се против Бугарите“, и со горчлива иронија додава: „Ахахаха.“
Но под површината на сарказмот и политичката критика се крие и лична болка. Таа потсетува на десет нејзини блиски кои, според неа, „многу страдаа“. Не бара ништо, но испраќа порака: „Кармата ќе ве стигне.“