11 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, вечерва од граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ во Гази Баба остро го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека се обидува да го врати судството под партиска контрола, по моделот на поранешниот премиер Никола Груевски.
Филипче изјави дека Мицкоски не сака независно и реформско судство, туку институции што ќе бидат под негова команда.
„Тоа е нивната намера – да закочат сè за да го вратат судството како во времето на Груевски. Не знае ВМРО-ДПМНЕ да владее ако има независни институции. На Мицкоски му треба судството под контрола за да може да сее страв, да се заканува и да уценува, исто како неговиот ментор Груевски,“ рече Филипче пред граѓаните.
Претседателот на СДСМ потенцираше дека токму затоа опозицијата избегнува да поддржи суштински реформи во правосудниот систем, иако тие, како што рече, се барање на граѓаните и предуслов за европска Македонија.
„Му реков, ајде да ги донесеме реформите што ги бараат граѓаните – независно, европско судство, враќање на довербата во институциите. Јас не се плашам од независно судство, ама изгледа тој се плаши. Пола влада му е со кривични пријави, пола партија со матни бизниси. Затоа не сака реформи,“ изјави Филипче.
Во своето обраќање, лидерот на СДСМ порача дека неговата партија нема да молчи ниту ќе дозволи партизација на судството, предупредувајќи дека нема да се дозволи враќање на, како што рече, „нови тефтерчиња од Белата палата“.
„Му порачувам да престане да се заканува што ќе правел по изборите. Да не мисли дека ќе му молчиме ако реши да го партизира судството. Тоа нема да се дозволи. Или ќе има темелни реформи и сите ќе одговараат за своите грешки, или нови судии од тефтерчињата на Белата палата нема да дозволиме,“ порача Филипче.
Со оваа трибина во Гази Баба, СДСМ продолжува со серијата граѓански средби под мотото „Се бориме за нашиот дом“, со кои партијата се обидува да ја мобилизира јавноста околу темите на правдата, реформите и отпорот кон, како што велат, обидите за повторна контрола на институциите.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

