26 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, вечерва од Струмица остро ја критикуваше актуелната власт, обвинувајќи ја дека работи во корист на големите приватни болници и компании, додека јавниот здравствен систем е оставен да тоне во хаос.
Филипче посочи дека под раководство на актуелниот министер за здравство, политиките не се креираат во интерес на јавното здравство, туку под влијание на советници поврзани со приватни здравствени установи. „Се отвора прашањето кого крои политики министерот – за доброто на јавните болници и клиники, или за приватните интереси?“, изјави тој.
Тој нагласи дека граѓаните секојдневно се соочуваат со проблеми при закажувања за снимања и хируршки интервенции, што доведува до големи пропусти. Дополнително, според него, младите лекари и специјализанти се оставени сами на себе, без соодветна супервизија и поддршка. „Кога младите лекари сами се впуштаат во работа без контрола, се случуваат големи грешки, а министерството не презема ништо“, предупреди Филипче.
Во своето обраќање, претседателот на СДСМ потсети дека во времето на неговата партија, здравствените работници добиваа континуирани зголемувања на примањата. „За седум години успеавме да ги дуплираме, па дури и два и пол пати да ги зголемиме платите на лекарите и медицинските сестри. Но, за време на оваа власт, здравствените работници немаат никакво зголемување веќе година и пол“, изјави тој.
Филипче оцени дека ВМРО-ДПМНЕ со своите политики покажува дека не се грижи ниту за здравствените работници, ниту за државата. Како дополнителен проблем, тој го посочи и фактот што дел од советничкиот тим на министерот за здравство се лекари кои доаѓаат од приватните болници, што, според него, ја потврдува врската меѓу власта и приватниот здравствен сектор.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

