23 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, во своето обраќање во општина Гази Баба истакна дека сите изборни ветувања на ВМРО-ДПМНЕ се покажале како лага – и на централно, и на локално ниво. Според него, нема никаква разлика во нивното дејствување.
Филипче нагласи дека се потребни промени и дека токму локалните избори претставуваат шанса граѓаните да ја испратат пораката дека сакаат подобро општество. Тој посочи дека жителите на Гази Баба заслужуваат локална самоуправа која ќе ги слуша нивните потреби и ќе реализира проекти за подобар живот и развој.
„Потребни се промени, локалните избори се шанса да се испрати пораката дека граѓаните сакаат подобро, сакаат подобра Гази Баба. СДСМ на овие избори излегува со чесна понуда, остварливи програми и компетентни луѓе со интегритет“, изјави Филипче.
Во своето обраќање, лидерот на СДСМ го потенцираше кандидатот за градоначалник на општина Гази Баба, Влатко Митовски, кој според него има реални и издржани проекти што директно одговараат на потребите на граѓаните.
„Влатко Митовски пред граѓаните излегува со издржани решенија во програмата – за надминување на проблемот со кучињата скитници, за нова спортска сала, затворен базен, но и субвенции за пазарџиите. Потребите на граѓаните на Гази Баба буквално се преточени во соодветни решенија“, рече Филипче.
Филипче порача дека на овие избори разликата е јасна – граѓаните ќе бираат помеѓу „докажани луѓе кои стојат зад својот збор и луѓе кои бегаат како кукавици при првата криза“.
„Не ветуваме лесен пат, но ветуваме борба – борба со главата високо. Време е за мерка во политиката: компетентност и резултати наместо гол ПР, работа наместо парада, ред наместо партиски хајки. Ве повикувам на заедничка борба, за подобра Гази Баба, за вашето семејство, за вашата улица, за вашиот град, за нашиот дом“, порача претседателот на СДСМ.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

