26 јуни 2026
• од Гоце Кически
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во гостувањето во емисијата „Вин-Вин“ на телевизија Телма, порача дека неговата главна мотивација за политички ангажман лежи во длабокото уверување дека преку политиката може да се направат суштински промени во општеството кои ќе обезбедат подобри услови за живот за сите граѓани.
Филипче направи паралела помеѓу неговата примарна професија во неврохирургијата и актуелната политичка кариера, истакнувајќи дека и во двете сфери крајната цел е да се помогне на луѓето, иако динамиката на видливоста на резултатите е различна.
„Страста, мотивот, желбата да се работи лежи во моето длабоко верување дека политиката дава механизми да се влијае на општеството и резултатите од таа работа да ги почувствуваат голем број на луѓе. Ако во мојата работа во неврохирургијата резултатите ги гледаме веднаш, за ова е потребно повеќе време, меѓутоа навистина може да се влијае на огромен број на луѓе,“ рече Филипче.
Тој нагласи дека секој успех го доживува како заедничка победа.
„Страста е успех, односно победа, и тогаш ја споделувам со сите мои соборци – како во операционата сала, така и сега со огромен број на луѓе со кои заедно ја водиме оваа политичка битка.“
Осврнувајќи се на својата визија за иднината на државата, лидерот на СДСМ посочи дека фокусот на секое политичко дејствување мора да биде економскиот и општествениот напредок кој ќе создаде перспективи за младите да останат да живеат и работат во земјата.
Тој со жалење констатираше дека голем дел од стручните кадри веќе заминале од државата, но токму тоа е еден од главните мотиви за неговиот ангажман – создавање држава која е рамо до рамо со развиениот свет.
„Главната цел на оваа работа е да се подигне квалитетот на живеењето на луѓето и да се унапреди државата. Посебно мојата генерација на луѓе од кои огромен број заминаа од државата во изминатите децении – едни од најквалитетните веќе не се тука. Ама ние верувавме дека може да не биде така. Верувавме дека нашата земја може да биде дел од развиениот свет, за да не се разочаруваме кога се враќаме дома,“ порача Филипче.
Според соопштението на СДСМ, интегрално пренесено од МИА, интервјуто јасно ја отсликува намерата на Филипче да ги искористи политичките механизми за суштински и долгорочен развој на државата во полза на сите нејзини граѓани.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

