25 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Зоолошката градина во Скопје, едно од ретките места каде што граѓаните можеа барем на момент да избегаат од секојдневното сивило и очај, викендов се претвори во сцена од хорор филм. Институцијата која треба да биде сигурен дом за животните и безбедно место за нашите деца, уште еднаш ја покажа вистинската слика за нашата држава – целосен колапс, немарност и крвави последици.
Според информациите кои првично ги објави порталот Петс.мк, а ги пренесе Скопје1.мк, во саботата се случил сериозен, трагичен инцидент во кој бели волци избегале од своето живеалиште и извршиле вистински масакр.
Она што најмногу боли и очајува не е природата на ѕверот, туку неспособноста на човекот. Волците не побегнале преку некаков софистициран, непредвидлив план, туку преку најобична дупка ископана под оградата. Фактот дека во установа финансирана од граѓаните никој не забележал дека предатори копаат излез под недоволно обезбедена ограда, говори за страотната негрижа која владее внатре.
При бегството, како што наведува Петс.мк, волците нападнале и буквално растргнале четири кенгури и неколку птици ему. Невините животни, затворени во своите живеалишта без никаква шанса за бегство, станале лесен плен поради катастрофалните безбедносни пропусти на раководството.
На вработените им биле потребни дури неколку часа за да ги пронајдат и совладаат волците. Неколку часа хаос во кој слободно се движеле крволочни животни.
Морничаво е дури и да се помисли каква трагедија ќе се случеше доколку овој инцидент се одиграше во ден кога патеките на Зоолошката се полни со семејства и мали деца. Кој ќе преземеше одговорност тогаш?
Како и за секоја друга катастрофа во С. Македонија, одговорот на институциите е – молк.
Од Зоолошката градина во Скопје до овој момент нема ниту една официјална потврда, ниту извинување, ниту соопштение за јавноста. В.д. директорката на ЗОО Скопје, Катерина Костова, според медиумските извештаи, ги игнорира повиците на новинарите и бега од соочување со вистината. Нема одговори за околностите под кои се случил крвавиот настан, ниту пак гаранција дека нешто слично нема да се повтори утре.
Што ни кажува ова за нашата реалност?
Оваа трагедија одамна не е вест само за избегани животни. Ова е совршена, болна метафора за животот во Македонија.
ЗОО Скопје е само огледало на општеството во кое живееме. Држава во која оградите се рушат, институциите се парализирани, раководните лица се недостапни, а недолжните секогаш ја плаќаат највисоката цена. Останавме територија каде што преживуваат само предаторите, а за обичниот граѓанин останува само стравот и прашањето: Кога ќе дојдеме ние на ред?
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

