12 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, на денешната прес-конференција најостро го осуди нападот врз медиумите, со посебен акцент на инцидентот што се случи во медиумот „Инфомакс“, каде што за време на емисија во живо беше предизвикан напад од страна на член на владејачката партија.
Филипче оцени дека синоќешниот напад врз новинар и медиум не е изолиран случај, туку сериозен аларм и почеток на систематско заплашување. Според него, ваквите дејствија се насочени кон замолчување на јавноста и спречување граѓаните, особено во пресрет на изборите, да ја дознаат вистината.
„Синоќешниот напад врз новинар и медиум е само почеток на заплашувањето. ВМРО-ДПМНЕ не може да дозволи пред избори народот да дознае дека ја издале Македонија. Во мое лично име, во името на моите колеги, во името на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и во името на сите членови на СДСМ, најостро го осудувам нападот врз медиумите, конкретно врз медиумот Инфомакс и врз вработените таму“, изјави Филипче.
Тој упати јасен повик до сите медиумски здруженија и професионални организации да застанат во одбрана на своите колеги, на слободата на говорот, на независноста на медиумите и на основните демократски вредности за кои, како што истакна, граѓаните на Македонија се изборија во 2016 година.
„Нема да дозволиме да нè вратат во медиумскиот мрак во кој живеевме десет години под нивна власт. Тој мрак денес можеме да го видиме во Србија. Ги повикувам надлежните институции веднаш да се ослободат од стегите на ВМРО-ДПМНЕ и да почнат професионално и одговорно да си ја вршат својата работа. Извршителите и нарачателите на ваквите напади мора да бидат изнесени пред лицето на правдата“, нагласи Филипче.
На крајот, претседателот на СДСМ најави дека ќе иницира состанок со сите релевантни политички партии, претставници на невладиниот сектор, граѓанското општество, студентите и угледни поединци, со цел заеднички да се договорат следните чекори на делување во одбрана на демократијата и медиумските слободи во државата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

