27 мај 2025
• од Вардарски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, жестоко ја нападна актуелната Влада и ВМРО-ДПМНЕ за блокирањето на предлог-законот за финансиска помош на семејствата од Кочани кои беа погодени од неодамнешната трагедија. Во гостувањето во емисијата „360 степени“, Филипче нагласи дека предлогот е далеку од политичка манипулација и е исклучиво насочен кон задоволување на реалните потреби на граѓаните.
„Законот во Кочани им нуди конкретна финансиска поддршка на луѓето – тие не можат крај со крај да врзат. Тие се нон стоп по доктори на преврски“, рече тој, потенцирајќи дека институционална поддршка речиси и да нема. „Ништо не добиле тие луѓе. Зарем треба само Црвениот крст да помага? Каде е државата?“, праша Филипче.
Според него, блокадата на законот е уште еден доказ за, како што рече, систематскиот однос на ВМРО-ДПМНЕ кон законите што се во интерес на обичниот граѓанин. „Не поддржаа закон за минимална плата, за плата на работниците во приватниот сектор, за намалување на ДДВ на храна и струја – сè што го олеснува животот на граѓаните е блокирано“, обвини Филипче.
Тој истакна дека зад предлог-законот не стои никаква политичка калкулација. „Нема ни ‘П’ од популизам во овој закон – тоа се реални потреби“, порача Филипче. „Тоа што оваа Влада го прави за Кочани е греота. На луѓето стварно им е потребна помош и поддршка.“
Со овој настап, лидерот на СДСМ упати јасна порака до институциите и политичките ривали – дека партиските интереси мора да се стават настрана кога станува збор за човечки животи и егзистенција.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

