Филипче: Владата го доживува својот економски дебакл
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во својата изјава за медиумите жестоко ја критикуваше економската политика на актуелната Влада, оценувајќи ја како целосен неуспех кој директно се чувствува во секојдневието на граѓаните.
„Кога луѓето ќе влезат во маркет, веднаш сфаќаат колку е лоша економската состојба – цените постојано растат, а платите стагнираат. Владата не презема ништо, иако има механизми и обврска да ги заштити граѓаните“, истакна Филипче.
Тој потсети дека голем дел од инвестициите со кои актуелната Влада се фали, всушност се проекти иницирани и договорени од времето на СДСМ. Освен тоа, посочи на неоснованите тврдења за наводно намалување на јавниот долг, иако точни податоци за БДП сè уште не се објавени.
„Се соочуваме со опасно зголемување на задолженоста. Новите кредити ја ограничуваат фискалната слобода на државата во следните децении. Инфлацијата и животните трошоци експлодираат, а реалниот економски раст не се чувствува. Сè што стои на хартија како статистика, не се претвора во подобар живот за граѓаните“, рече Филипче.
На крајот, претседателот на СДСМ заклучи дека ваквиот развој на настаните претставува економски крах и сериозна потврда за неспособноста на Владата да ја води државата по стабилен и одржлив економски пат.