27 мај 2025
• од Вардарски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостување во емисијата 360 степени изрази сериозна загриженост за начинот на кој Владата ги реализира стратешките инфраструктурни проекти. Според него, се заобиколува Законот за јавни набавки, а изборот на компании кои ќе работат на проектите е однапред познат.
„Законот за јавни набавки во овој случај нема да може да важи. Со самото тоа што однапред знаеме дека ќе учествуваат британски фирми, тоа значи дека многу веројатно тие се предодредени“, изјави Филипче, укажувајќи на сериозна повреда на транспарентноста и фер конкуренцијата.
Тој дополнително истакна дека јавноста сè уште нема увид во договорот што се однесува на проектот, иако се работи за, како што рече, „историски висока сума на задолжување под нејасни услови“. „Тоа што до сега не знаеме ништо за овој договор, тоа што се зборува за огромни суми пари колку што нашата земја досега никогаш не зајмила, под засега непознати услови, навистина прави сомнеж за целиот процес“, рече тој.
Филипче подвлече дека проекти од вакви размери, кои го надминуваат мандатот на една влада, бараат поширок политички договор и консензус. „Сметам дека за вакви проекти коишто ги надминуваат мандатите на една или две влади, кои што однапред знаеме дека ќе се градат подолго време, треба да има надпартиски консензус“, порача тој.
Како позитивен пример на ваков пристап, Филипче го посочи својот обид како министер за здравство за вклучување на сите парламентарни партии во проектот за нов клинички центар. „Јас лично иницирав заедничка работа на сите парламентарни партии на проектот за клиничкиот центар. За жал, ВМРО-ДПМНЕ тоа го блокираше“, истакна тој.
На крај, Филипче апелираше за конструктивен пристап и поширока политичка поддршка кога станува збор за проекти од државно значење. „Треба за такви крупни проекти конечно да најдеме начин да постигнеме консензус“, додаде тој, посочувајќи дека тоа ќе обезбеди стабилност, континуитет и ќе ги елиминира сомнежите за корупција и фаворизирање.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

