01 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вечерва од Пробиштип остро ја критикуваше политиката на ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи го нивното владеење „реприза на лош стар филм“ со истите, одамна прочитани манипулации.
Филипче посочи дека во изминатата година и пол ВМРО-ДПМНЕ нема никакви резултати со кои може да се пофали. „Немаат нови мерки, немаат развојни политики и затоа ја почнаа старата проверена приказна со напади кон ДУИ. Јас ова го нарекувам стратегијата на политичките кукавици“, изјави тој пред граѓаните.
Според Филипче, владејачката партија го користи национализмот и нападите кон ДУИ како единствено средство за да го одвлече вниманието на јавноста од реалните економски и социјални проблеми.
„Луѓето се соочуваат со раст на цените, со недостиг на пари, а државата стои во место. Наместо решенија, добиваат стара политика на поделби“, додаде лидерот на СДСМ.
Филипче порача дека триковите на ВМРО-ДПМНЕ одамна не поминуваат кај граѓаните. „Господа од ВМРО-ДПМНЕ, дали мислите дека повторно со истите трикови можете да ги излажете граѓаните? Не можете, затоа што сте прочитани како буквар, како стара истрошена книга која сите ја знаат. Вашето владеење е реприза на стар филм кој луѓето го знаат на памет. Секој чекор ви е предвидлив, секоја манипулација веќе видена, секоја лага веќе 100 пати кажана“, изјави Филипче.
Со ова, претседателот на СДСМ ја заврши својата порака до власта дека граѓаните веќе нема да прифатат политички игри и манипулации, туку очекуваат вистински политики и решенија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден