25 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека власта свесно создава услови за изборни неправилности, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ изгубила голем број на гласачи. Во изјава за Телма, тој нагласи дека според повеќе анкети и анализи, опозициската партија изгубила над 120.000 гласови.
„Сметам дека тоа е намерно. Кога е очигледно дека ВМРО-ДПМНЕ губи над 100 илјади гласа, тие посегаат по инструменти кои можат сериозно да го загрозат изборниот процес и демократијата“, изјави Филипче.
Филипче остро реагираше и на неодамнешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, кој и по една година власт, вината за состојбите во државата ја префрлува на СДСМ и ДУИ.
„Жалам што ја слушнав таа изјава. Таа е доказ за целосната неспособност и немањето капацитет да се води државата“, рече лидерот на СДСМ.
Филипче потсети дека уште пред месеци Уставниот суд укина дел од Изборниот законик во однос на потребниот број потписи за независни листи, но власта чекала до последен момент за да понуди законски измени – дури откако изборите биле веќе распишани.
Тој додаде дека непостигнувањето договор со коалициските партнери од ВЛЕН за поддршка на измените во Изборниот законик е целосна одговорност на премиерот и на неговата коалиција.
„За жал, со тоа се отвора простор за злоупотреби и за лов во матно, бидејќи е очигледно дека губат огромен број на гласови“, предупреди Филипче.
Претседателот на СДСМ најави дека неговата партија внимателно ќе ги следи сите потези и инструменти што ги користи власта, а кои би можеле да го загрозат демократскиот изборен процес. Тој истакна дека ќе реагираат соодветно на секоја злоупотреба.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

