06 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Иако е во бегство речиси две години и по него е распишана меѓународна потерница, неготинскиот бизнисмен Љупчо Пецов, познат како Ѓаволот, и понатаму профитира од државни пари. Неговата фирма „Тритерол петрол“ активно учествува и победува на јавни набавки, добивајќи договори вредни милиони евра од државни институции, јавни претпријатија, училишта и општини.
Според податоците од Електронскиот систем за јавни набавки, од 3 ноември 2023 година — кога Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по Пецов — па сè до денес, фирмата на осомничениот бизнисмен добила дури 136 тендери, со вкупна вредност над 300 милиони денари, односно околу 5 милиони евра.
Она што дополнително ја згрозува јавноста е фактот дека Пецов слободно се движи низ Скопје, и покрај потерницата. Телма објави дека, иако официјално се води како бегалец, нема никакви пречки за неговата компанија да учествува на тендери, па дури и редовно да ги добива.
Пецов е осомничен дека е еден од организаторите на злосторничкото здружение во случајот „Синџир“, каде 22 сопственици и директори на фирми со фалсификувани фактури го оштетиле државниот буџет за околу 8 милиони евра. Поради неговата недостапност, обвинителството сè уште нема поднесено обвинение против него. Десетина обвинети во истиот случај веќе признаа вина и добија затворски или условни казни.
Овој скандал отвора низа прашања за функционалноста на институциите, интегритетот на јавните набавки и одговорноста на државните органи кои склучуваат договори со фирми чии сопственици се осомничени за тешки финансиски криминали.
Додека полицијата тврди дека го „бара“, а правосудството чека да му суди, Ѓаволот – барем во делот на бизнисот – очигледно и понатаму „врве“.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

