Фрчкоски: МВР со низа пропусти е одговорно за трагедијата во Кочани
Поранешниот министер за внатрешни работи, Љубомир Фрчкоски смета дека министерството за внатрешни работи е одговорно за трагедијата која се случи ноќеска во кочанскиот ноќен клуб „Пулс“ каде што загинаа, досега, 59 лица а над 150 се повредени.
„Ако ги спровеле законските обврски кои морале, настанот можел да биде спречен или барем неговите последици драстично намалени. Имено, МВР морало, бидејќи било претходно информирано, поради неговата обемност и можност од било какви инциденти (тоа се прави рутински со такви настани), да го обезбеди настанот однадвор. Но МВР тоа не го сторило!“, смета Фрчкоски.
Според Фрчковски, Министерството за внатрешни работи морало да обезбеди, внатре во салата, полицајци за можни инциденти долж концертот.
„МВР морало да обезбеди, внатре во салата, полицајци за можни инциденти долж концертот (истото вообичаено се прави за настани од ваков обем: 1.500 млади луѓе во затворен простор кој е сомнително адаптиран за таков настан). Значи, не да праќа полицајци да ловат дилери, туку да проценуваат можни инциденти и опасни ситуации и да го запрат концертот ако е потребно. Каква сака да му е лиценцата на клубот, и да му била супер-легална, не може да му овозможи на затворен клуб одржување на концерт со 1.500 луѓе, без посебна проверка и посебна дозвола! Лажна и замајувачка е дебатата до кога траела лиценцата, кој ја потпишал и слично“, напиша Фрчкоски.