26 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Загадувањето на воздухот во Скопје и понатаму претставува едно од најголемите секојдневни грижи на жителите. Последните денови високиот степен на загаденост негативно се одразува врз здравјето на многумина, особено на ранливите групи.
На една од скопските улици затекнавме жител со маска на лицето, кој тешко дишеше додека накратко одмораше. Вели дека денес морал да излезе по итни обврски, иако секое подлабоко вдишување му предизвикува печење во грлото.
„Загадувањето, особено во Скопје, е извонредно високо. Не само кај мене… јас сум веќе постар човек и боледувам од ХОББ, која е последица на нечистиот воздух. Се надеваме на ветер, дожд или снег за да се прочисти воздухот – и толку“, раскажува еден граѓанин.
Други граѓани сведочат за слични симптоми – чувство на притисок и гушење во грлото токму во последните неколку дена. Според нив, загадувањето од година во година е сè посериозно.
„Се чувствувам како да ме стега грлото, како да ме гуши. Секоја година е полошо. Не би рекол дека дрвата за греење се клучниот проблем. Повеќе е до нечистотијата, огромниот број возила и издувните гасови. Преголема е концентрацијата на автомобили во градот“, вели друг жител.
Дел од граѓаните сметаат дека состојбата нема да се подобри сама по себе. Потребни се систематски, долгорочни и научно засновани решенија, наместо повремени онлајн иницијативи.
„Овој проблем мора да се третира систематски, со детерминистички научни методи. Сè друго се само онлајн активности без реален ефект“, нагласува скопјанец.
Надежите за почист воздух, како и обично, се насочени кон промената на временските услови. Метеоролозите најавуваат дожд и ветер, кои можно е да донесат привремено намалување на загадувањето, но не и долготрајно решение.
„Очекуваме повеќе од 25 литри дожд на метар квадрат во следните 24 часа. Во четврток врнежите ќе бидат поинтензивни, особено на истокот. Ќе навлезе и постудена воздушна маса од север, која ќе ги намали температурите за 4 до 5 степени. На повисоките планини врнежите ќе преминат во снег. Овој тип на време ќе трае до сабота, кога ќе има само локални и слаби врнежи, но времето и понатаму ќе биде нестабилно“, изјави синоптичарката Ленче Ризова.
Според последните мерења од мониторинг-станиците, денеска воздухот во Скопје е умерено до високо загаден, особено во Центар, Лисиче и Карпош. Уште повисоки концентрации се регистрирани во Кичево и Гевгелија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

