17 април 2025
• од Вардарски
Секое утро низ Скопје почнува со иста слика: преполни контејнери, ѓубре распослано околу нив, и погледи свртени на другата страна. Но најчесто, тој што не може да ја сврти главата е обичниот граѓанин. Зашто токму тој, оставен без избор, добива казна – не затоа што не почитувал закон, туку затоа што градот не си ја завршил работата.
Во населбата Трнодол, викендов граѓанин беше казнет оти оставил кеса со отпад до контејнер. Причината? Контејнерот – преполн. А избор? Никаков. Но инспекторите не гледаат преполни садови, не прашуваат дали има место, не се интересираат дали сметот стои таму со денови. Тие само бројат – колку казни, колку денари, колку “ред”.
Па прашуваме: каде да го чуваме ѓубрето? Во дневна соба? На балкон? Да го носиме на прошетка до работа?
Градските служби, тие што секој месец си ја собираат својата плата од нашите сметки, се чини дека имаат нова улога – да казнуваат наместо да расчистуваат. А вработените на терен, наместо услужни, дрски. Наместо да помогнат – се закануваат. Еден од нив, во случајот со жителот на Трнодол, дури изјавил дека “тие” контејнери биле само за зградите спроти бензинската Козле. Од кога ѓубрето има адреса на живеење?
Наместо да се грижиме кој каде ќе го фрли отпадот, да почнеме да се грижиме зошто воопшто немаме каде да го фрлиме. Се плаќа комунална хигиена, а добиваме смет кој денови стои како декор на улиците. Се бара од нас совест, а од другата страна – нема ни совест, ни срам.
Доста е. Не сме ние проблемот. Проблемот се тие што седат во канцеларии и не излегуваат да ја видат реалноста. Проблемот е градот што не чисти. ЈП Хигиена што не празни. Инспектори што не прават разлика меѓу несовесност и неможност.
Ако навистина сакате ред – прво расчистете го хаосот што самите го создадовте. Оставете ги граѓаните на мир. Ние, за разлика од вас, барем се обидуваме да живееме чисто.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

