10 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со министерот за транспорт и врски Александар Николоски и премиерот Христијан Мицкоски, најавија дека Скопје наскоро ќе добие „градски воз“ – проект што, според нив, ќе донесе брз, удобен и еколошки начин на превоз низ метрополата.
„Градскиот воз станува реалност – ветеното се реализира!“, изјави Ѓорѓиевски, додавајќи дека граѓаните од Драчево до центарот ќе пристигнуваат за само 11 минути, а од Зелениково за 25 минути. Градоначалникот истакна дека новиот проект ќе придонесе и за намалување на загадувањето и ќе овозможи поздрав живот за сите жители.
Министерот Николоски најави дека ова е првата фаза од линијата која ќе се протега од Зелениково, преку Драчево и Кисела Вода, до новата железничка станица, а во иднина ќе следат и продолженија до Ѓорче Петров и Миладиновци.
Иако изјавите звучат како најави за револуционерен проект, фактите укажуваат на нешто друго. Станува збор не за изградба на нова железничка траса, туку за реконструкција на постоечката пруга на која веќе сообраќаат патнички и товарни возови.
Возовите кои секојдневно патуваат од Велес, Прилеп, Битола и Гевгелија кон Скопје, и досега застануваа на истите станици – Зелениково, Ново Зелениково, Орешани, Јане Сандански, Драчево и Лисиче.
Дури и времето на патување кое се презентира како новитет – 25 минути од Зелениково до Скопје – е исто како и досегашното. Според возниот ред на МЖ Транспорт, патниците веќе со години патуваат со исто времетраење, кое варира од 23 до 25 минути во зависност од распоредот и разминувањето со други возови.
Од Скопје до Драчево, возот сообраќа за 12 минути, а до станицата Јане Сандански за 17 минути – податоци кои се јавни и достапни во официјалните документи.
Интересно е што промотивното видео објавено од министерот Николоски, за кое се тврди дека ја прикажува трасата од Зелениково до Скопје, всушност е дронска снимка од делницата Драчево – Илинден, по која сообраќаат возови кон Табановце.
Иако најавите ветуваат модерна градска линија, прашањето останува колку овој систем ќе биде практичен за граѓаните. Повеќето железнички станици се оддалечени од населените места, па жителите ќе мора да користат автомобил или автобус за да стигнат до нив. Тоа ја доведува во прашање вистинската функционалност на проектот како „градски превоз“.
Интересно е што ова не е првпат да се зборува за „градски воз“ во Скопје. Пред повеќе од 25 години постоел локален воз на релација Скопје – Зелениково, кој го користеле вработени од фабриките и работниците од Македонски железници. Денес, под ново име, истиот концепт повторно се промовира како нова ера во јавниот превоз.
Денеска се празнува Светата маченичка Параскева – симбол на верата и милосрдието
Поминаа 72 часа – Орце не го исчисти Скопје, населбите се потонати во ѓубре
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

