12 април 2025
• од Вардарски
Голем број граѓани денеска останаа заглавени во подземниот паркинг на Градскиот трговски центар (ГТЦ), откако автоматските паркомати престанаа да работат, а на терен не постоеше никаква техничка или наплатна служба што би интервенирала.
Луѓето биле принудени со часови да чекаат во своите автомобили, видно изреволтирани од ситуацијата. Според сведоштва за агенцијата „Макфакс“, на шалтерите каде претходно се вршеше рачна наплата, сега стојат залепени известувања дека плаќањето се врши исклучиво преку автоматски машини – кои, пак, биле вон функција веќе извесен период.
Меѓу заглавените возачи имало и родители со мали деца, како и патници кои брзале кон аеродромот, стравувајќи дека ќе го пропуштат летот. Атмосферата била напната, а реакциите – остри.
По подолг период на чекање, рампите на излезот биле подигнати, дозволувајќи на возилата да го напуштат паркингот без плаќање. Но, ослободувањето на паркингот се одвивало бавно поради гужвата и семафорот на излезот.
Од ГТЦ сè уште нема официјално соопштение за причините за дефектот, ниту објаснување зошто нема присутна служба за поддршка во вакви ситуации. Настанот предизвика бурни реакции кај граѓаните и повторно ги отвори прашањата за доверливоста на автоматизираните системи кога не постојат алтернативни решенија за итни случаи.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

