Идентификуван возачот што влечеше коњ со автомобил – случајот пријавен до Обвинителството
Полициските служби од СВР Скопје го идентификуваа лицето кое вчера, на 17 април 2025 година, беше снимено како со патничко возило „Голф“ со скопски регистарски таблички влече врзан коњ низ градско подрачје. Видеото од овој настан беше објавено на дел од социјалните мрежи и предизвика бурни реакции во јавноста.
По објавувањето на снимката, полицијата веднаш презеде мерки и активности со цел утврдување на идентитетот на возачот и документирање на настанот како потенцијално кривично дело – „мачење на животни“, казниво согласно член 233 од Кривичниот законик.
Од страна на надлежните полициски службеници е извршен службен разговор со идентификуваниот возач, а за случајот е известен јавен обвинител. Согласно неговите насоки, ќе биде подготвено Известување до Основното јавно обвинителство Скопје, заедно со целокупната документација поврзана со случајот, за понатамошно постапување.
Инцидентот повторно ја актуелизира темата за заштита на животните и потребата од строга примена на законските одредби против насилство врз нив.