04 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Вчеравечер во скопското село Долно Количани се случил сериозен инцидент, кога лице од толпа луѓе испукало неколку куршуми од пиштол во воздух. Според информациите на Министерството за внатрешни работи, полицијата реагирала веднаш и му го одзела оружјето, но не успеала да го приведе осомничениот бидејќи бил спречен од присутната толпа.
Од МВР информираат дека случајот бил пријавен на 2 ноември 2025 година во 23:40 часот во СВР Скопје, а инцидентот се случил околу 21:00 часот истата вечер. Полицајците кои биле на терен забележале лице во поголема група луѓе како со огнено оружје испукува неколку проектили во воздух.
„Пиштолот му бил одземен, а при обид да го приведат, полициските службеници биле спречени од толпата, по што лицето побегнало. Се преземаат мерки за расчистување на случајот,“ стои во соопштението на МВР.
Полицијата засега не објавува детали за идентитетот на лицето, ниту за мотивите за пукотницата. Се очекува да бидат повикани на разговор сведоци и лица кои биле присутни на местото на настанот, за да се расветли целиот случај и да се утврди дали имало дополнителни прекршоци или опасност за јавната безбедност.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

