20 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Општина Чашка за првпат во својата историја доби градоначалник Албанец. Кандидатот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Суат Шаќиров, ја освои довербата на граѓаните и е новоизбраниот градоначалник на општината, соопшти партијата преку коалицијата Национална алијанса за интеграција (НАИ).
„Во Општина Чашка имаме историски резултат – за првпат оваа општина ќе биде предводена од кандидат на Националната алијанса за интеграција,“ изјави Арбер Адеми од ДУИ, нагласувајќи ја симболиката на победата за партијата и за локалната заедница.
Победата на Шаќиров предизвика славје во Горно и Долно Јаболчиште, населени места со околу пет илјади жители од албанска националност. На улиците, граѓаните со знамиња и музика ја прославија промената на локалната власт.
Суат Шаќиров претходно беше организациски директор на Клиниката за пулмологија во периодот кога на централно ниво владееше коалицијата СДСМ–ДУИ. Неговото искуство во јавниот сектор и активното учество во партиските структури на ДУИ му обезбедија силна поддршка во оваа изборна трка.
На локалните избори во Чашка учествуваа и Горан Стојановски од СДСМ, како и Дејан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ. Политичката платформа „Вреди“ не излезе со сопствен кандидат во оваа општина. Претходно, локалната власт беше поделена помеѓу коалицијата СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со градоначалник Горан Стојановски и претседател на Советот Трајко Мишковски.
Според податоците, во Општина Чашка се запишани 6.141 гласачи, а според пописот од 2021 година општината има 7.942 жители, од кои 4.032 се Албанци.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден