26 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Јавното обвинителство денеска соопшти дека е спроведена голема акција на повеќе локации низ државата, како резултат на двегодишна предистражна постапка на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), во соработка со Управата за финансиска полиција.
Според Обвинителството, издадена е наредба за спроведување истражна постапка против 13 лица, меѓу кои четворица косовски државјани и една државјанка на Хрватска. Тие се сомничат дека во периодот од 2014 до 2023 година организирале и учествувале во криминална група со цел стекнување противправна имотна корист преку даночно затајување, даночна измама и перење пари.
Со ваквото дејствување, групата предизвикала сериозна штета на Буџетот на државата.
Осомничените креирале мрежа од правни субјекти преку кои се вршела фиктивна трговија со нафтени деривати. Изготвувале фактури со невистинита содржина за да избегнат плаќање даноци и незаконски да остварат поврат на ДДВ. Дополнително, преку компании што немале дозвола за трговија со нафтени деривати вршеле набавка, транспорт и продажба на Еуросупер, Еуродизел и Екстралесно гориво.
Продажбата најчесто се одвивала без издавање на фискални сметки, а готовинските средства не биле евидентирани во сметководствената документација. За прикривање на трагите, како одговорни лица формално биле назначувани странски државјани без регулиран престој во земјава.
Организаторите на групата дел од готовината пуштале во оптек и вршеле пренос на пари со цел да го прикријат нивното потекло. Така се стекнале со голема противправна имотна корист, знаејќи дека истата е прибавена со кривично дело.
Јавниот обвинител предложи определување мерка притвор за сите осомничени. До сега, за седум лица е прифатен предлогот и судот им одреди притвор во траење од 30 дена. За останатите шестмина, меѓу кои и петмина странски државјани, мерката ќе биде определена во отсуство.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

