Ивон Величковски: Денеска Македонецот повеќе сака да каже Северна Македонија одошто БЈРМ
Во своја изјава, поранешниот пратеник Ивон Величковски го коментираше развојот на националниот идентитет и надворешната политика на државата, особено во контекст на решавањето на деценискиот спор со Грција и поновите европски интегративни процеси.
„Денеска Македонецот повеќе сака да каже Северна Македонија отколку Поранешна Југословенска Република Македонија. Без разлика дали решението беше праведно или не, ние дојдовме до договор,“ изјави Величковски, нагласувајќи дека процесот на надминување на спорот со Грција бил резултат на политичка волја и ангажман, и покрај тешкотиите.
Тој истакна дека дел од заслугата за постигнување на Преспанскиот договор му припаѓа и на политичкиот фактор од албанскиот блок, конкретно партијата ДУИ, особено во период кога ВМРО-ДПМНЕ, според неговите зборови, ја прекинала комуникацијата со грчката страна.
„Ајде да кажеме отворено – вие (СДСМ и коалицијата) ја преземавте жртвата во тој период. Истото важи и за францускиот предлог и преговарачката рамка,“ додаде тој.
Кога станува збор за актуелната надворешна политика, Величковски го посочи министерот за надворешни работи Бујар Османи како фигура која, надвор од партиските преференции, ретко може да биде предмет на суштинска критика.
„Реално, ниту еден Македонец кој не следи партиска агенда на ВМРО-ДПМНЕ нема да има сериозна забелешка за Бујар Османи. Можеме да зборуваме за неговиот стил или настапи во партиски средби, но во надворешната политика, тешко е да се најде поголема грешка – освен можеби ставот на Владата во однос на Отворен Балкан,“ заклучи Величковски.