25 април 2025
• од Вардарски
Во вториот дел од разговорот со Петрит Сарачини во шорткастот на ИМА „Што има ново?“, професорот Гордан Калајџиев остро го критикува начинот на кој се спроведуваат истрагите и укажува на длабоките системски проблеми во правосудството и институциите на државата. Поводот за разговорот беше трагедијата во кабарето „Пулс“ во Кочани, која, според него, уште еднаш го открива нефункционалниот систем и потребата од вистинско „ресетирање“.
Калајџиев реагираше на однесувањето на премиерот Мицкоски, кој јавно изнесе документи од истрагата, и потенцираше дека тоа е спротивно на Законот за кривична постапка. Според него, премиерот не треба да има пристап до докази во предистражна постапка, бидејќи тоа е исклучива надлежност на Обвинителството. „Ова само покажува дека немаме јасни стандарди и дека политичарите постојано се мешаат во надлежности што не се нивни“, нагласи тој.
Осврнувајќи се и на однесувањето на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, Калајџиев истакна дека ресетирање на системот не може да се постигне со политичка реторика и дневнополитички поени. „Министерот држи лекции во Собрание, ги објавува и на Фејсбук, прави етнички разлики... тоа не е професионализам, туку токму спротивното – политизирање на институциите“, рече тој.
Клучот за вистинска промена, според Калајџиев, лежи во деполитизација на судството и поставување на професионалци со интегритет на раководни позиции во обвинителствата и судовите. Тој предупредува дека партиските кадри не можат да го донесат потребниот ресет, бидејќи се водени од сопствени интереси, вклучувајќи ги инвестициите и тендерите.
„Ако има некоја шанса за брзи резултати, тоа е само ако политиката ја тргне чизмата од судството. Само така може да се воспостави вистинска поделба на власта и систем на меѓусебна контрола – checks and balances“, заклучи професорот.
Целиот разговор може да се погледне во вториот дел од видео шорткастот на ИМА – „Што има ново?“, каде Калајџиев продлабочено зборува за правосудството, политиката и шансите за правна држава во Македонија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

