25 јули 2026
• од Темелко Тошев
Белата пена и отровот што се слеваат во Вардар се доказ за еколошката катастрофа и негрижата на власта, предупредува Кети Штерјова.
Загадувањето на реката Лепенец е јасен знак дека отровот веќе пристигна и во главниот град, а власта покажува целосна неспособност да се справи со проблемот, предупредуваат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Според Кети Штерјова од СДСМ, белата боја и огромниот обем на пена што вчера беа забележани на местото каде што реката Лепенец се влева во Вардар, се класичен симптом на тешко синтетичко загадување кое се заканува по здравјето на граѓаните и екосистемот.
„Ова е сериозен аларм дека власта нема никаков капацитет за заштита на животната средина и безбедноста на водните ресурси во земјата. На граѓаните на Скопје не им требаат спектакли, туку функционални институции што ќе ги штитат нивните интереси, а пред сè, чиста и безбедна вода“, истакна Штерјова.
Во своето обраќање, таа упати и остри критики кон градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, обвинувајќи го за несериозен пристап. „Наместо преземање на конкретни мерки и барање одговорност, тој си игра со дронови и најавува дека од воздух ќе го решавал проблемот. Човекот кој не може да направи една обична слика за билборд без грешка, сега глуми спасител“, порача таа.
Од СДСМ потсетуваат дека Скопје веќе подолго време се гуши во проблеми – почнувајќи од дивите депонии и неисчистениот смет, па сè до енормно загадениот воздух, на што сега се надоврзува и загадувањето на реките Лепенец и Вардар.
Опозициската партија упати ултимативно барање до надлежните институции веднаш да отворат истрага, да ја лоцираат одговорноста за загадувањето и да преземат итни мерки за санација.
„Секој што си игра со здравјето на луѓето мора да сноси одговорност! СДСМ нема да дозволи оваа власт да ја отруе цела Македонија. Време е за правда и вистина“, децидна е Штерјова.
Водата во Крушево сѐ уште не е за пиење: Забраната останува на сила до вторник
Бугарскиот бизнис го освојува африканскиот пазар: Од егзотика до стратешки приоритет
Уапсена Македонка во Црна Гора: Прегазила куче, па се обидела да ја напушти државата
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

