02 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Познатиот публицист Ким Мехмети во својата анализа вели дека Албанците во Северна Македонија отсекогаш изгледале помалку отколку што навистина се. Тоа, според него, се должи на фактот што никогаш не разбрале дека државата ја обликува уставот, а не македонските партии кои ги вклучуваат во власта како вазали – платени да ја чуваат државата од сопствениот народ.
Мехмети нагласува дека, доколку албанските партии искрено се грижеа за својот народ, тие никогаш немаше да прифатат соработка со македонска партија која не би се согласила во Уставот Албанците да бидат именувани со своето вистинско име – Албанци, а не „20 проценти“. Дополнително, вели тој, тие требало да инсистираат ниту една влада да не се формира, ниту буџет да се усвои без примена на принципот на Бадинтер – двојно гласање.
Во кампањите, додава Мехмети, зачудува тоа што Албанците жестоко се делат околу тоа дали е подобар ВЛЕН или АТИ, а не сфаќаат дека секоја македонска партија го задржува својот национален карактер дури и кога во редовите има Албанци, Турци, Срби или Роми. Во исто време, албанските партии го губат етничкиот идентитет веднаш штом ќе влезат во алијанси со други помали заедници.
„Албанците им дозволија на македонските партии да се однесуваат како сопственици на државата, а тие да бидат сведени на улога на вазали“, предупредува Мехметi. Според него, иако со право се критикува ДУИ за нејзините дваесетгодишни неуспеси, сепак оваа партија секогаш имала нешто што денес ВЛЕН го нема – легитимитетот кај албанскиот народ.
Мехмети оценува дека ВЛЕН станал корисен само за ВМРО-ДПМНЕ, со што за една година успеал да ја „испере“ ДУИ од дваесетгодишните гревови. Денес, вели тој, Албанците не гласаат за програма или визија, туку за тоа дали ќе му одговорат на Мицкоски, прифаќајќи тој, а не самите тие, да одлучува кои ќе бидат албанските вазали во владата.
Во заклучок, Мехмети додава дека токму ВЛЕН и неговите бранители денес ја зајакнуваат ДУИ, а најголемата штета за албанската кауза ја нанесуваат сите оние кои дозволија албанштвото да стане професија наместо етничка припадност, дозволувајќи му на албанскиот политичар да биде Албанец само сè додека не стане министер или висок државен функционер.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден