30 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Во македонската политичка сцена, албанските партии повторно се најдоа во фокусот на критиките на публицистот Ким Мехмети. Во својот осврт, тој остро ги анализира обидите за ребрендирање, внатрешните поделби и вистинските мотиви што стојат зад АКИ и ВЛЕН.
Поранешната ДУИ, денес преименувана во АКИ, според Мехмети, се обидува да избега од сопственото минато. Новото име треба да создаде впечаток дека партијата нема ништо заедничко со дваесетгодишното владеење, иако токму тогаш се случија „Енциклопедијата македонска“, „Сопот“, „Монструм“, ликвидацијата на Харун Алиу, проектот „Скопје 2014“ и Кумановската „ноќ на големата издаја“.
„Интересот што денес го брани АКИ може да се опише со една реченица – врати нè, Господи, повторно до коритото на власта“, пишува Мехмети.
За ВЛЕН, кој беше најавен како спротивност на ДУИ, Мехмети вели дека настанал од „остатоци“ од истата партија. Наместо обединување, ВЛЕН успеал да донесе нови поделби: од четири „клана“, денес е сведена на три „секти“ што постојано се судираат околу лични амбиции и привилегии.
Според него, вистинскиот интерес што го брани ВЛЕН не е заедничкиот, туку личниот: профит за неколкумина лидери на „Кланот на Лрца“, „Левизја Демократике“ и „Алтернатива“.
Мехмети истакнува дека не е ништо нечовечко кога лидерите се борат за политички опстанок. Но, опасно е, додава тој, кога личниот интерес и фрустрацијата се претставуваат како „општонародна кауза“, а локалните избори се гледаат како верска војна.
Авторот укажува и на историската пракса македонските партии, особено ВМРО-ДПМНЕ, да знаат како да ги „хранат и одржуваат“ албанските „гаврани“, за потоа да ги користат против „орлите“. Така, според него, порано се случувало со ПДП/ДПА, а денес постои ризик истото да се повтори со Алтернатива и нејзините сојузници.
„Кога гавранот ќе ти се спушти на грбот, треба да ги рашириш крилјата и да се издигнеш кон висините. Само таму, во чистината на небото, тој ќе се задуши од сопствената тежина и ќе падне во калта на својата злоќа“, заклучува Ким Мехмети, оставајќи силна метафора за однесувањето на политичките партии и потребата народот да биде внимателен.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

