14 април 2025
• од Гоце Кически
Република Бугарија е подготвена веднаш да потпише договор со Република Северна Македонија и да започне со изградбата на трансграничниот железнички тунел, кој ќе биде клучна алка на Коридор 8. Ова го изјави бугарскиот заменик премиер и министер за транспорт и комуникации Гроздан Караџов на работна средба со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ и НАТО во Софија.
„Имаме целосна подготвеност и волја да го потпишеме договорот и да започнеме со ископување на тунелот што е можно поскоро“, истакна Караџов, додавајќи дека Бугарија веќе има капацитет веднаш да го започне градежниот дел од 2,4 километри од Гјуешево до границата со Северна Македонија. Сепак, како што објасни, технолошкиот процес налага прво да биде изградено тунелското решение.
Министерот ја нагласи важноста на проектот, не само како физичка врска помеѓу двете држави, туку и како можност за непречен транспорт од Јадранско до Црно Море. „Очекуваме одговор и коментари од Скопје во врска со предложениот договор, за да може да се организира експертска средба и финално потпишување на документот“, рече Караџов.
На настанот учествуваа и бугарскиот министер за регионален развој и урбанизам Иван Иванов, министерот за одбрана Атанас Запрјанов, претставници од Европската комисија, Националната железничка инфраструктура и Агенцијата за патна инфраструктура на Бугарија.
Регионалниот министер Иван Иванов подвлече дека и покрај секојдневните предизвици со кои се соочува бугарската влада, проектот за Коридор 8 мора да остане стратешки приоритет. „Не смееме да го загубиме фокусот од целите што можат да ги издигнат нашите држави на повисоко ниво“, рече тој, повикувајќи на забрзување на активностите.
Министерот за одбрана Атанас Запрјанов додаде дека железничката врска со Северна Македонија има и безбедносно значење. „Воената мобилност е приоритетна задача за нас. Развојот на инфраструктурата ќе придонесе за подобра поврзаност и зајакнување на регионалната безбедност, што е клучно за соработката меѓу НАТО и ЕУ“, изјави тој.
Проектот за Коридор 8, кој треба да ја поврзе Албанија, Северна Македонија и Бугарија, со крајна цел интегрирано поврзување на Јадранот и Црното Море, сè повеќе добива стратешка димензија во регионот, а соработката меѓу Скопје и Софија е клучна за неговата реализација.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

