15 мај 2025
• од Вардарски
Претседателот на Европскиот совет, Антониу Кошта, при заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Скопје, порача дека единствениот пат напред за Северна Македонија е спроведувањето на веќе договореното во 2022 година. Според него, нема потреба од нови преговори, туку од исполнување на преземените обврски.
„Договореното е веќе договорено и нема простор за дополнителни условувања. Не ни треба план Б – мора да го спроведеме планот А“, изјави Кошта.
Тој додаде дека на средбата со Мицкоски разговарале за конкретните чекори што Скопје треба да ги преземе за да продолжи по патот кон членство во Европската унија. Го охрабри премиерот да вложи напори за напредок во процесот и истакна дека Унијата стои зад Северна Македонија.
„Клучно е да се продолжи со реформите, со зајакнување на владеењето на правото и борбата против корупцијата“, рече Кошта, посочувајќи дека иднината на земјата е во ЕУ.
Тој го спореди процесот на пристапување со маратон: „Понекогаш може да биде фрустрирачки, како што беше и за другите земји кандидати, но сите ја постигнаа целта – и вие ќе ја постигнете. Заедничката цел за проширување на ЕУ е најдобрата инвестиција во мирот, стабилноста и безбедноста.“
Кошта уште еднаш потенцираше дека нема нови услови и дека сега е моментот земјата да покаже дека стои зад обврските кои веќе се преземени. „Сега е време тие да се спроведат – нема простор за барање повеќе“, истакна тој.
Тој додаде дека ги разбира ставовите на премиерот Мицкоски околу чувствителните прашања како промената на името, знамето и претходните уставни измени. „Се согласувам дека никој не треба да бара повеќе од тоа што веќе е договорено. Но она што е договорено, мора да се реализира“, подвлече Кошта.
Во своето обраќање, тој ги истакна и важноста на стратешките инфраструктурни проекти – Коридорите 8 и 10 – кои, според него, ќе донесат реални придобивки за граѓаните на Северна Македонија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

